Северна Кореја изрази жалење во петокот поради убиството на Јужнокореец и порача дека тој бил застрелан во рамките на преземените мерки за борба со коронавирусот, изјави советникот за национална безбедност на јужнокорејскиот претседател.
Одделот за обединет фронт на Северна Кореја, тело задолжено за прекуграничните односи, му испратил писмо на јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин ден откако Сеул објави дека севернокорејските војници застрелале Јужнокореец, по што го изгореле неговото тело. Претседателот Мун поради овој инцидент е на удар на критики во земјата.
Во писмото се наведува дека на севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун „му е жал“ што инцидентот ја разочарал ужнокорејската јавност и тој не требало да се случи, изјави за медиумите во Сеул, Сух Хун, советник за национална безбедност на претседателот Мун.
Севернокорејските војници истрелале повеќе од десет куршуми во јужнокорејски рибар кој претходно седмицава бил пријавен за исчезнат, откако не сакал да се идентификува и се обидел да побегне, изјавил Сух повикувајќи се на информациите во споменатото писмо. Меѓутоа, во писмото било наведено дека бил изгорен само неговиот појас за спасувње, а не неговото тело.
„Војниците не можеле да го лоцираат неидентификуваниот престапник во текот на потерата, откако истрелале куршуми и го спалиле појасот според националните вонредни мерки за превенција на болеста“, го цитирал Сух писмото пред новинарите.