ЈП „Улици и патишта“ првпат во своето работење на вработените ќе им исплати К-15

Даниела Димовска, претседател на Управниот одбор на скопското Јавно претпријатие „Улици и патишта“, во четвртокот преку социјалните мрежи извести дека водството првпат во работење на претпријатието донело одлука со која на вработените ќе им биде исплатено регрес за годишен одмор, или популарниот К-15 за 2022 година, во висина од 40 отсто од просечната плата.

„Во консултација со Надзорниот одбор и заземањето на заеднички став, а претходно со детално утврдување на поволниот финансиски резултат на претпријатието во изминатиот период, заклучивме дека доделувањето на регрес на вработените нема да предизвика финансиски импликации кои би го загрозило оптималното функционирање на претпријатието.

Управниот одбор при донесувањето на одлуката во целост ги зеде во предвид и ги постави како приоритет, интересите на вработените и неопходноста да им се излезе во пресрет во овој тежок период, кога секојдневно граѓаните се борат со предизвиците на инфлацијата и намалениот животен стандард.

Длабоко сме убедени дека оваа одлука ќе придонесе кон дополнително подобрување на перформансите на нашите служби што е во интерес на сите граѓани на град Скопје.

Во иднина продолжуваме со одговорно управување на ЈП Улици и патишта – Скопје со цел унапредување на услугите, одржување и подобрување на сообраќајната инфраструктура, дополнителна рационализација на трошоците, професионално менаџирање на ресурсите и постојана грижа за капацитетите и положбата на нашите вработени“, објави Димовска.