ЈП „Водовод и канализација“: Водата од скопскиот водовод е исправна за пиење

Секторот Санитарна контрола на ЈП Водовод и канализација Скопје, денеска  изврши вонреден мониторинг на водоснабдителниот систем на градот Скопје кој беше во прекин со водоснабдување на 21.12.2024 година поради изведување на активности за санација, реконструкција и модернизација на градската водоводна мрежа.

Мониторингот опфати 9 (девет) клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош од каде беа земени примероци од водата за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање.

Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа.

Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки ОДГОВАРААТ на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи.