Пациенти болни од рак оставени без терапија, МЗ нема распишано тендер за набавка на лекови, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека пациенти болни од рак се оставени без терапија, а владата и министерот загрозуваат десетици животи.

-90 пациенти на кои им е потребна биолошка терапија за колоректален, оваријален и цервикален карцином цел месец не можат да ја примат потребната терапија. Пациентите немаат примено терапија затоа што МЗ не распишало тендер за набавка на лековите. Под ризик се и пациентите со рак на бели дробови, бубрег и дојка, за кои во наредните неколку месеци ќе се исцрпи потребната терапија. Министерството за здравство да не си игра со животите на луѓето и веднаш да распише оглас за набавка на сите потребни терапии, се вели во соопштението на партијата.

Оттаму прашуваат дали власта сфаќа дека нивната неспособност убива луѓе?

-Неспособноста и во здравството е една од причините зошто мора да има избори. Народот не смее да пати и страда заради криминогеноста и неспособноста на СДСМ и нивните коалициони партнери, стои во партиското соопштение.