Бројката со новозаболени од Covid–19 во Штип е во постојан пораст. Бројката секогаш изнесува околу 30-ина новозаразени пациенти од смртоносниот вирус. Во овој град бројот на активни случаи на Covid-19 изнесува речиси 500, што не е мала бројка за град со околу 43 илјади жители.
Но позагрижувачка ситуација е што здравствените работници се соочуваат со недостаток на кислород кој е потребен за хоспитализираните пациенти во болницата и во модуларната исто така.
Изминативе неколку дена расте бројот на пациенти на кој им е потребен кислородот. Според информациите од здравствениот персонал во штипскиот ковид-центар од 94 на 54 пациенти им е потребна постојаната кислородна поддршка. Модуларната болница е исполнета, на Инфективното одделение има неколку слободни кревети.
„Веќе бараме начин и деновиве ќе го реализираме со тоа што ќе обезбедиме резервоар за кислород, кој ќе се приклучи на централниот довод во модуларната болница. Медицинскиот кадар е веќе исцрпен, не само поради тоа што секојдневно ја води битката и се спасуваат човечки животи, тие мора и на раце да ги растовараат и внесуваат боците со кислород“, вели Ален Ѓеорѓијев, директор на Клиничка болница Штип.
Додека здравствениот персонал стравува за пациентите дали ќе има доволно кислород, министерот за здравство Венко Филипче ги уверува граѓаните дека владините мерки за заштитат од Covid-19 даваат резултати и стабилизација на ситуацијата.
„Овие сегашни мерки создадоа стабилизација, пикот се надевам нема да има измени, беше на први април, но сега се намалува“, истакна министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиуми пред неколку дена.
Сепак критиката од опозициската партија на ВМРО-ДПМНЕ не изостанува и секој дена бара одговорност од министерот за здравство Венко Филипче и Владата бидејќи ситуацијата не е под контрола, секој ден има над 50-тина граѓани починати од Covid-19.
„51 лице починато поради корона, а Заев вели не чувствувал одговорност. А, ако не е ваша, чива е? Гробиштата се полни, душите празни. Оваа бројка ќе беше помала да имаше навреме вакцини. Но, провизиите им беа поважни. Оставка за мафијашката власт, а потоа одговорност и нормализација. Секој според заслуженото, за народот спокој и можности, за криминалците одговорност. Нема бегање, напиша на социјалните мрежи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на во средата.