Пациентката што почина на КАРИЛ имала автоимуно воспаление на тенкото црево

Наодот за 33-годишната почината пациентка И.К. оди во прилог на автоимуно воспаление на крвните садови на тенкото црево, соопшти Клиниката за гинекологија (ГАК) денеска.

Клиника вчера попладне го добила хистопатолошкиот наод за пациентката И.К. од Скопје, родена 1987 година, која почина на КАРИЛ на 9 мај 2021, а била примена на ГАК на 21 април 2021 година со голем тумор на матката и оперирана на 22 април со уреден оперативен тек

Наодот, како што наведуваат во соопштение, оди во прилог на автоимуно воспаление на крвните садови на тенкото црево и на вроден сегментен недостаток на мускулниот слој на тенкото црево што всушност е и причината која довела до постоперативна спонтана перфорација, што била причина за вториот оперативен третман на пациентката во присуство на дигестивен хирург.

Од ГАК истакнуваат дека оваа дијагноза е исклучително ретка и во голем број од случаите причината за нејзино појавување е непозната но најчесто е асоцирана кај пациенти кои имаат голем солиден тумор, лимфом, леукемија или некоја воспалителна болест. Системската форма на оваа болест, според достапната литература, е асоцирана со многу тешка клиничка слика чија дијагноза е невозможно да се постави предоперативно.

Од Клиниката напоменуваат дека пациентката има историја за претходни оперативни зафати, извадена слезинка пред пет години и пунктирани лимфни јазли пред три години кои веројатно се во склоп на системската болест што ја имала пациентката.

Во соопштението стои дека триесет и тригодишната пациентка шест дена се лекувала на ГАК и во стабилна состојба на 29 април е хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија.