Пацоли за инцидентот со Османи: Не постои тип на имунитет што може да ја избегне контролата

Претседателот на Алијансата за Ново Косово, поранешен косовски претседател и еден од најбогатите Албанци во светот, Беџет Пацоли, објави на Фејсбук дека првиот човек на Одделот за безбедност на патници при Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) од Торонто, со кого патувал за Италија, му кажал дека не „постои тип на имунитет што може да го оправда избегнувањето на контролата на секој патник кој лета со авион”.

Оваа негова реакција следува по случката со претседателката на Косово, Вјоса Османи, на скопскиот аеродром.

„Денеска имав кратко патување во Италија со шефот на одделот за безбедност на патници на асоцијацијата ИАТА од Торонто. Зборувавме и за настанот во Скопје.
Тој ми потврди (она што го знаев и јас) дека не постои форма на имунитет со што може да се избегне контрола на кој било патник што лета со авион, особено во јавен авион каде што безбедноста на другите патници е доведена во прашање и не се преземени безбедносните процедури.
Во случај некој патник да одбие контрола од страна на безбедносната служба, таа, меѓу другото, го известува пилотот на соодветниот воздухоплов и пилотот автоматски одлучува да го спречи леталото да полета.

Ова се случи на скопскиот аеродром каде што пилотот одбил да го започне патувањето поради „непроверени патници“ и поради оваа причина се предизвика огромно одложување на полетувањето на авионот.

Кога станува збор за скенирање на телефон, наивно е да се каже дека телефонот може да се скенира додека се префрла на рендген апарат“.