
На азиските берзи цените на акциите во вторникот паднаа шести трговски ден со ред, бидејќи вложувачите стравуваат од зголемувањето на каматните стапки на американската централна банка Federal Reserve (Fed) и бидејќи во Европа поради енергетската криза се заканува рецесија.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките берзи без јапонските, во раното претпладневно тргување беше во минус од 0,4 отсто. Притоа на Токиската берза индексот Nikkei падна за 1,2 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг, Јужна Кореја и Австралија се лизнаа за меѓу 0,5 и 1 отсто. Во Шангај, пак, благо пораснаа.
Азиските вложувачи ги разочара вчерашниот остар пад на Волстрит. Последните седмици пазарот беше поткрепуван од надежите на вложувачите дека поради благиот пад на инфлацијата во САД од највисоките нивоа во последните 40 години, Fed во иднина ќе биде помалку агресивна во зголемувањето на каматните стапки. Од март Fed ги подигна каматите за 2,25 процентни поени, а се очекува дека ќе ги зголеми и во септември. Прашањето, меѓутоа, е дали ќе ги зголеми за 0,50 или за 0,75 процентни поени. Оттаму, со нетрпение се очекува говорот на претседателот на Fed, Џером Пауел во петокот во Џексон Хол.
Заострувањето на монетарната политика дополнително ќе го забави растот на економијата, која и онака технички е во рецесија, имајќи предвиде дека благо падна две тримесечја со ред на квартално ниво.
Пазарите се под притисок и поради стравувањата од рецесија во Европа која се бори со енергетската криза. Вчера цената на гасот во Европа скокна за 13 отсто, достигнувајќи ги рекордните нивоа, откако руски „Газпром“ порача дека гасоводот Северен тек 1 ќе биде во прекин од 31-ви август до 2-ри септември, поради редовно техничко одржување.
„Лошата енергетска ситуација во Европа сугерира дека инфлацијата сѐ уште не го достигнала врвот, па се заканува ризикот дек инфлацијата долго ќе се задржи доколку централните банки не повлечат агресивни потези. Не зачудува што курсот на доларот кон еврото и британската фунта се движи на највисоките нивоа во повеќе децении“, вели Тапас Стрикленд, директор во NAB.
Доларот зајакна, цените на нафта растат
На валутниот пазар вредноста на доларот во однос на кошницата валути дополнително порасна и се приближи до највисокото ниво во последните 20 години, бидејќи се очекува натамошно агресивно зголемување на каматите на Fed.
Индексот на доларот, која ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 108,90 поени, додека во понеделникот во истиот период од денот беше 108,23 поени.
Притоа курсот на доларот во однос на јапонската валута стабилно се движи околу 137,40 јени, како и во понеделникот во истиот период од тргувaњето.
Меѓутоа, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на најниското ниво по 20 години, под нивото од еден долар. Во моментов курсот на еврото се движи околу 0,9940 долари, додека во понеделникот во истиот период беше 1,0027 долари.
Притисокот врз еврото е последица од стравовите на вложувачите дека економијата на еврозоната поради енергетската криза ќе потоне во рецесија, додека Европската централна банка (ECB) поради високата рецесија би требало повторно да ги зголеми каматните стапки.
Цените на нафтата, пак, пораснаа откако Саудиска Арабија предупреди дека Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) би можела да го намали производството, доколку поради слабоста на економиите падне побарувачката на нафта и продолжи падот на цените.
Цената на барелот на лондонскиот пазар порасна за 0,83 отсто, на 97,25 долари, додека на американскиот пазар барелот пскапе за 0,85 отсто, на 91,15 долари.