Поевтини нафтата на светските берзи, резервите ќе ја зголемат понудата и ќе ја намалат цената

На светските берзи цените на нафтата паднаа минатата недела, вторпат по ред, откако САД и другите членки на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) најавија дека продажбата на нафта од стратешките резерви треба да ја зголеми понудата на пазарот и да ги намали цените.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 1,5 отсто, на 102,78 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 1 отсто на 98,26 долари.
Падот на цените втора недела по ред се должи на најавата дека членките на ИЕА ќе продадат 120 милиони барели нафта од стратешките резерви во следните шест месеци.
Соединетите држави, кои претходно најавија продажба од резервите, ќе пласираат 60 милиони барели како дел од иницијативата на ИЕА и уште 120 милиони одделно.
Најголемите светски потрошувачи на нафта интервенираат бидејќи цените на нафтата драстично се зголемија по рускиот напад врз Украина кон крајот на февруари, што дополнително ја поттикна и онака високата инфлација во светот.
Тоа може да ги принуди централните банки на агресивно заострување на монетарната политика, предизвикувајќи забавување на глобалното економско закрепнување.
Аналитичарите на инвестициската банка JP Morgan веруваат дека продажбата на нафта од резервите на краток рок во голема мера ќе помогне да се повратат милион барели руска нафта дневно, која според нив, ќе биде трајно изгубена.
„Но, во 2023 година и во годините што доаѓаат, глобалните производители најверојатно ќе мора да ги зголемат инвестициите за да ја надоместат изгубената руска нафта и да ги надополнат стратешките резерви на ИЕА“, предупредуваат аналитичарите на JP Morgan.