Цените на нафтата паднаа во средата на меѓународните пазари бидејќи трговците се претпазливи пред објавувањето на потенцијално слабите податоци за производството во развиените светски економии, а ги чекаат и изјавите на претставниците на централната банка од годишниот состанок во американски Џексон Хол.
Цената на барелот падна на лондонскиот пазар за 51 цент во однос на претходното затворање на тргувањето, на 83,52 долари. На американскиот пазар, пак, барелот се продаваше по пониска цена за 49 центи, од 79,15 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во вторникот барел од нафтената кошничка на нејзините членки падна за 1,07 долари, на 86,51 долари.
Пазарите чекаат сигнали за идниот правец на каматните стапки од годишниот состанок на претставници на централните банко на САД, Европската унија односно еврозоната, Велика Британија и Јапонија на крајот на неделата во Џексон Хол, во американската сојузна држава Вајоминг.
„Инвеститорите не сакаат да заземат големи позиции пред состанокот на Џексон Хол, бидејќи сакаат да видат индиции за следниот потег на американската централна банка“, вели Хиројуки Кикукава од „Nissan Securities“.
Претходно во средата беше објавено дека Јапонија забележа пад на нејзината фабричка активност трет месец по ред во август, а еврозоната, Франција, Германија, Велика Британија и САД ќе ги објават податоците за нивниот индекс на менаџери за набавки (PMI) подоцна денеска.
„Она што треба да ги загрижи набљудувачите на нафтениот пазар е дека проценките за нивните производствени PMI се под 50, така што сите тие се на територијата на контракција, а отчитувањата под очекувањата повторно ќе бидат предупредување за пониска побарувачка на нафта“, смета Џон Еванс од PVM.
Клучна за зголемувањето на побарувачката на нафта во остатокот од годината е Кина, втората по големина економија во светот. Но, нејиниот слаб раст ги фрустрира пазарите, бидејќи ветените стимулации не ги исполнија очекувањата, вклучително и послабо од очекуваното намалување на основната каматна стапка во понеделникот.
На страната на понудата, членките на OPEC и нивните сојузници големи независни извозници предводени од Русија познати како OPEC+ одлучија да ја ограничат понудата за да ги зголемат цените, при што Саудиска Арабија го намали производството за дополнителни милион барели дневно (bdp) од јули до септември. Во август и Русија го намалува извозот за 500.000 барели дневно.
Залихите на сурова нафта во САД продолжија да паѓаат, минатата недела за околу 2,4 милиони барели, според пазарни извори кои се повикуваат на податоци од Американскиот институт за нафта во вторникот. Тоа беше малку под просечното очекување за пад од 2,9 милиони барели меѓу аналитичарите анкетирани од Reuters.
Неделниот официјален извештај на американската влада ќе биде објавен подоцна во текот на денот.