Пад на европските берзи, британската инфлација ги надмина очекувањата

Европските акции паднаа во средата наутро бидејќи инвеститорите беа разочарани од извештајот за повисока од очекуваната инфлација во Велика Британија.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,3 отсто во првиот пресек од претпладневното тргување. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,55 отсто, на 8.370 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,26 отсто, на 18.677 поени, а париски CAC 0,41 отсто, на 8.107 поени.

Инвеститорите беа разочарани од фактот дека инфлацијата во Британија во април изнесувала 2,3 отсто, што е повеќе од 2,1 отсто колку што очекуваа аналитичарите.

Најмногу паднаа цените на акциите во автомобилскиот сектор, во просек за 1,9 отсто, а по него е нафтениот сектор со пад од 0,7 отсто.

А на азиските берзи се тргува внимателно. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањњето како и во Европа беше речиси непроменет во однос на вчерашниот ден. Истовремено, јапонскиот Nikkei индекс ослабна за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа меѓу 0,1 и 0,2 отсто. Во Шангај, пак, благо се зголемија.

На берзите има претпазливост, исто како и вчера на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,17 отсто, а S&P 500 и Nasdaq индексот околу 0,2 отсто. Инвеститорите се воздржани бидејќи денеска ќе бидат објавени вести кои битно би можеле да влијаат на насоката на пазарот.