На европските берзи во вторник претпладнето берзанските индекси втор ден по ред беа во негатива, бидејќи показателите укажуваат на слабеење на економијата во еврозоната, додека каматните стапки би можеле да останат зголемени подолг период отколку што се очекуваше.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,25 отсто во претпладневното тргување, откако вчера падна за околу 1 отсто. Утринава лондонскиот FTSE индекс загуби 0,14 отсто, на 7.500 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,47 отсто, на 15.175 поени, а париски CAC 0,57 отсто, на 7.027 поени.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше намален за повеќе од 1 процент во 9,30 часот и се лизна на најниското ниво од крајот на ноември минатата година. На берзата во Токио, индексот Nikkei во досегашниот период од тргувањето се лизна за 1,6 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонгконг паднаа меѓу 1,2 и 2,8 отсто. Кинеските берзи се затворени во текот на Златната седмица, а затворена е и берзата во Јужна Кореја поради празник.
Остриот пад на берзанските индекси во Хонгконг се должи, според аналитичарите, на корекцијата на цените на акциите по скокот во петокот, при што најголемиот притисок беше врз секторот на недвижности. Цените на акциите во Австралија, исто така, значително паднаа, иако централната банка на земјата ги задржа каматните стапки непроменети.
Инвеститорите во моментов најмногу се плашат дека каматните стапки во западните земји ќе останат зголемени подолг период од проценетото, бидејќи инфлацијата не се намалува доволно брзо. Ова е причината зошто вчера тргувањето беше претпазливо на Волстрит. Dow Jones загуби 0,22 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,01 отсто, а Nasdaq индексот 0,67 отсто.
Најголемата светска берза веќе десет дена е претпазлива, откако челниците на американската централна банка изјавија дека каматните стапки би можеле дополнително да се зголемат до крајот на годината и дека тие би можеле да останат на покачени нивоа подолго од очекуваното. Економскиот раст забавува, со слабеење на инфлаторните притисоци, но инфлацијата останува далеку од целното ниво на банката од 2 отсто.