Европските берзи паднаа во претпладневното тргување во понеделникот, губејќи дел од минатонеделните добивки, а најголем притисок беше технолошкиот сектор.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,4 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, по минатонеделниот раст. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,07 отсто, на 7.665 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,59 отсто, на 17.710 поени, а париски CAC 0,28 отсто, на 8.005 поени.
Во исто време, најмногу паднаа цените на акциите во технолошкиот сектор, повеќе од 2 отсто, како и на Волстрит во петокот.
И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше намален за 0,15 отсто во истиот пресек како и во Европа, откако во петокот го достигна највисокото ниво во последните осум месеци.
Претпладнето на токиската берза индексот Nikkei потона за 2,2 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Австралија паднаа меѓу 0,8 и 1,5 отсто. Во Шангај и Хонгконг, пак, се зголемија меѓу 0,7 и 1,4 отсто.
Растот на кинеските берзански индекси е благодарение на податоците дека инфлацијата во Кина во февруари порасна на 0,7 отсто, што ги подгреа надежите за забрзување на закрепнувањето на втората по големина економија во светот. Но, со него се тргува внимателно бидејќи производните цени се уште се во зоната на дефлација.
Во Јапонија, пак, индексот Nikkei остро падна од рекордните нивоа, бидејќи станува сѐ поочигледно дека тамошната централна банка наскоро ќе ги укине негативните каматни стапки и ќе започне со нормализирање на монетарната политика, по неколкуте години крајно стимулативна монетарна политика.
Инвеститорите не беа охрабрени од ревидираните податоци, според кои во последниот квартал од минатата година јапонската економија пораснала за 0,4 отсто, а не паднала, како што покажа првата проценка, па произлегува дека четвртата по големина светска економија избегнала рецесија .
Другите азиски берзи го следат падот на Волстрит во петокот, како резултат на кој сите главни индекси – Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq – ја завршија седмицата „во црвено“. Тао главно се должи на падот на цените на акциите во технолошкиот сектор, главно производителите на чипови, по силниот раст во претходните седмици.