Пад на фунтата по најавите за Брегзит без договор

Фунтата изгуби од вредноста откако се зголемија шансите за Брегзит без договор.

Таа падна на најниско ниво во однос на еврото во последните две години, затоа што инвеститорите почнаа да стравуваат дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на крајот на октомври, без договор околу условите за излез.

Фунтата се намали за повеќе од 1 процент на 1,10 € и 1,22 американски долари што е најниското ниво во однос на доларот во 28 месеци.

Британскиот премиер Борис Џонсон вчера ја однесе Велика Британија уште поблиску до Брегзит без договор, инсистирајќи на тоа дека нема да одржи разговори за излезот од Европската Унија со лидерите на блокот, освен ако ЕУ не се согласи да го отвори постојниот договор за излез, особено во врска со ирскиот дел.

При посетата на Шкотска Џонсон ја повтори пораката што ја кажа многу пати откако стана премиер минатата недела. „Договорот за излез е мртов и мора да се отфрли“, рече тој.

Џонсон рече дека ЕУ мора да се откаже од идејата да ја задржи ирската граница отворена. Во тој случај Велика Британија ќе мора да остане усогласена со царинските правила на ЕУ.