На европските берзи во понеделникот, последниот ден од септември, најзначајните индекси почнаа да се тргуваат со пад, а воедно цените најмногу паднаа во автомобилскиот сектор.
Паневропскиот индекс Stoxx 600 изгуби 0,07 отсто на 527 поени во првиот дневен пресек од тргувањето, додека најмногу падна индексот на автомобилскиот сектор, за повеќе од два отсто. Истовремено, франкфуртски DAX ослабе за 0,19 отсто, на 19.437 поени, париски CAC за 0,45 отсто, на 7.756 поени, а лондонски Ftse за 0,03 отсто, на 8.318 поени.
Не толку одличниот почеток на новата седмица дојде откако Stoxx 600 минатата седмица достигна ново највисоко ниво во историјата, благодарение на оптимизмот на пазарот за закрепнување на кинеската побарувачка додека Кина воведе голем економски стимул.
Најголем пад забележаа акциите на „Stelantis“ за девет отсто, бидејќи француско-италијанскиот конгломерат кој произведува автомобили под брендовите „Chrysler“, „Dodge“, „Jeep“ и „Maserati“ предупреди дека неговата продажба ќе биде под очекувањата „на повеќето пазари“ во втората половина на година, поради влошување на „глобалната индустриска динамика“ и зголемената кинеска конкуренција.
Од „Stelantis“ го објавија ова предупредување откако германски „Volkswagen“ во петокот повторно ја намали проценката на овогодинешниот профит поради намалувањето на бројот на патнички и комерцијални возила. Цената на акцијата на VW претпладнево ослабе за дополнителни 2 отсто.
За новите насоки, инвеститорите ќе го следат објавувањето на податоците за германската и италијанската инфлација и европската продажба на мало. Исто така, додека се чекаат сигнали за каматните стапки, ќе се следат и изјавите на претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард во Европскиот парламент.