Пад на Волстрит, инфлацијата во САД над очекувањата

На Волстрит цените на акциите паднаа во четвртокот, по четирите трговски дена раст, бидејќи инвеститорите се загрижени поради извештајот кој покажува дека американската инфлација во септември е над очекувањата.

Индексот Dow Jones загуби 0,51 отсто, на 33.631 поен, додека S&P 500 се лизна за 0,62 отсто, на 4.349 поени, а индексот Nasdaq 0,63 отсто, на 13.574 поени.

По четирите трговски дена раст, вчера паднаа цените на акциите на најголемата светска берза, бидејќи инфлацијата во САД е сѐ уште висока. Извештајот објавен вчера покажа дека во септември потрошувачките цени пораснале за 0,4 отсто на месечно и 3,7 отсто на годишно ниво, што е малку повисоко од очекувањата на аналитичарите. Базичната стапка на инфлација, без цените на храната и енергијата, очекувано се зголеми за 0,3 отсто на месечно и 4,1 отсто на годишна основа.

Ова е сè уште многу над целното ниво на американската централна банка од 2 отсто, па повторно се шпекулира за дополнително зголемување на каматните стапки на Fed. Дотолку повеќе што податоците објавени претходниот ден покажаа дека и продажните цени во септември пораснале над очекувањата. Поради ова, приносите на државните обврзници вчера повторно пораснаа, што лошо се одрази на берзата.

„Во последните два месеца пазарот е под најголем притисок поради растот на каматите. Секое значително движење во една или друга насока значително влијае на акциите. Вчерашното зголемување на каматните стапки изврши притисок врз цените на акциите“, објаснува Мајкл Џејмс, директор во „Wedbush Securities“.

И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Сепак, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,32 отсто, на 7.644 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,23 отсто, на 15.425 поени, а париски CAC 0,37 отсто, на 7.104 поени.