На њујоршки Волстрит во понеделникот берзанските индекси паднаа по минатонеделниот раст, бидејќи на пазарот владее несигурност во пресрет на извештајот за инфлацијата во САД и почетокот на сезоната на објава на кварталните деловни извештаи на компаниите.
Индексот Dow Jones ослабе за 164 поени или за 0,52 отсто, на 31.173 индексни поени, додека S&P 500 се лизна за 1,15 проценти на 3.854 поени, а индексот Nasdaq се намали за 2,26 отсто, на 11.372 индексни поени.
По растот минатата седмица, индексите вчера загубија дел од тие добивки, бидејќи вложувачите не сакаат да ризикуваат пред објавувањето на резултатите за потрошувачките цени во САД, коишто би можеле значително да влијаат врз насоката на пазарите.
Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека во јуни инфлацијата во САД дополнително забрзала на 8,6 отсто, колку што изнесуваше во мај, а на 8,8 отсто на годишно ниво. Тоа би било новото највисоко ниво на инфлацијата по повеќе од 40 години, што е во прв ред последица од растот на цените на енергенсите и нарушувањата во синџирите за снабдување.
„Пазарот се позиционира за извештајот за инфлацијата. Се надеваме на забавување, што би можело да го наведе (американската централна банка Federal Reserve) Fed на ублажување на темпото на заострување на монетарната политика. Од друга страна, има многу причини да се очекува задржување на инфлацијата на високите нивоа и дека Fed и натаму ќе биде агресивен“, вели Рон Хејворт, стратег во компанијата „U.S. Bank Wealth Management“.
Во настојувањата да ја сузбие инфлацијата, американската централна банка во јуни ги зголеми клучните каматни стапки за 0,75-процентни поени, а се очекува дека тоа ќе го стори и во јули. Поради тоа економскиот раст забавува, а прашањето е дали Fed ќе успее „меко“ да го приземји стопанството или да го турне во рецесија.
Вложувачите се претпазливи и поради тоа што седмицава започнува сезоната на објавување на кварталните финансиски извештаи на компаниите. Во четврток и петок резултатите остварени во второто годинешно тримесечје ќе ги објават големите американски банки, а пред тоа неколку значајни компании, како „PepsiCo“ и „Delta Air Line“.
Во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека компаниите од составот на S&P 500 индексот оствариле раст на заработувачката за 5,7 отсто во однос на истиот лански период, што би бил значително помал раст отколку во претходните квартали.
Покрај резултатите, вложувачите внимателно ќе ги анализираат и пораките од компаниите за натамошните очекувања, имајќи го предвид растот на каматните стапки, високата инфлација, забавувањето на растот и нарушувањата во синџирите за набавки.