Пад на Волстрит, по растот на инфлацијата повеќе од очекуваното

Берзанските индекси паднаа на Волстрит во средата, бидејќи инфлацијата во САД порасна повеќе од очекуваното во јануари, со што станува сè појасно дека централната банка нема да брза со намалување на каматните стапки.

Индексот Dow Jones падна за 0,50 отсто на 44.368 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,27 отсто на 6.051 поен. Индексот Nasdaq, пак, порасна за 0,03 отсто на 19.649 поени.

Инвеститорите на претпазливост ги натера извештајот кој покажа дека потрошувачките цени во јануари пораснале за 0,5 отсто месечно, повеќе од очекуваните 0,3 отсто, со што годишната инфлација достигна 3 отсто. Базичната стапка на инфлација, која ги исклучува цените на енергијата и храната, достигна уште повисоко годишно ниво – 3,3 отсто. Зајакнувањето на инфлацијата покажува дека американската централна банка нема многу простор за натамошно олабавување на монетарната политика. Всушност, претседателот на Fed, Џером Пауел ден претходно во Конгрестот рече дека централната банка не треба да брза со дополнително намалување на каматните стапки бидејќи економијата е силна, невработеноста е мала, а инфлацијата останува над целното ниво од 2 проценти. Додуша, пазарот сѐ уште проценува дека Fed ќе ги намали каматните стапки еднаш оваа година, за 0,25 процентни поени, но надежите за две намалувања на каматните стапки до крајот на годината исчезнаа. Дополнително, многу е неизвесно каков став ќе заземе Fed наредните месеци, со оглед на тоа што американскиот претседател Доналд Трамп се заканува со царини и доколку навистина почне да ги применува пошироко, тоа дополнително ќе ја стимулира инфлацијата.

Пазарот е загрижен дека Fed воопшто нема да ги намали каматните стапки оваа година, и затоа пазарот е намален, објаснува Џејк Долархид, аналитичар во „Longbow Asset Management“.

А, на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Индексот STOXX 600 на најважните европски акции порасна за 0,1 отсто и достигна нови рекордни нивоа. Во меѓувреме, лондонскиот FTSE индекс порасна за 0,34 отсто, на 8.807 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,50 отсто, на 22.148 поени, а париски CAC за 0,17 отсто, на 8.042 поени.