Акциите паднаа на Волстрит во четвртокот, откако послабите од очекуваните проценки за работењето на „Salesforce“ и поради тоа што инвеститорите беа внимателни пред објавувањето на новите податоци за инфлацијата во САД.
Индексот Dow Jones загуби 0,86 отсто, на 38.111 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,60 отсто, на 5.235 поени, а индексот Nasdaq загуби 1,08 отсто, на 16.737 поени.
Најголем губитник вчера беше „Salesforce“, чијашто цена падна за речиси 20 отсто, откако технолошкиот гигант објави послаби од очекуваните проценки за приходите и заработката за наредниот период.
Тоа го притисна целокупниот технолошки сектор, па цените на акциите во овој сектор вчера паднаа во просек за 2,5 отсто. Падна и комуниакцискиот сектор, во просек за 1,1 отсто, додека сите други сектори на индексот S&P 500 пораснале.
Вчера беше објавена втора проценка, според која американскиот бруто-домашен производ (БДП) порасна за 1,3 отсто на годишно ниво во првиот квартал, а не за 1,6 отсто наведени во првата проценка.
„Би очекувале намалување на проценките за економскиот раст да ги поттикне цените на акциите, бидејќи тоа значи дека Fed наскоро би можел да започне со намалување на каматните стапки поради слабиот раст. Но, овојпат немаше таква реакција од пазарот“, вели Марк Хакет, директор во компанијата „Nationwide“.
Инвеститорите се претпазливи бидејќи во петок ќе бидат објавени нови податоци кои ќе покажат како се движела инфлацијата во април. Аналитичарите проценуваат дека, според индексот на цените на производите за лична потрошувачка, таа изнесува 2,7 отсто на годишно ниво.
Цените на акциите растат со месеци поради шпекулациите дека американската централна банка агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, што ќе го поддржи економскиот раст. Сепак, овие шпекулации стивнаа, бидејќи сите најнови макроекономски податоци покажуваат дека инфлациските притисоци во САД се сѐ уште силни, а пазарот на трудот е сè уште силен.
Тоа е причината зошто челниците на Fed веќе долго време повторуваат дека каматните стапки би можеле да останат покачени подолг период од очекуваното. Сепак, пазарот сѐ уште се надева на пооптимистичко сценарио, според кое Fed двапати ќе ги намали каматните стапки до крајот на годината.
И покрај лошите резултати на индексите на Волстрит оваа седмица, најголемата светска берза е на пат за уште една месечна добивка, шеста во последните седум месеци. Од почетокот на месецот индексот Nasdaq скокна за околу 7 отсто, S&P 500 за околу 4 отсто, а Dow Jones за 0,8 отсто. Во текот на мај сите три индекси достигнаа рекордни нивоа.
А на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,59 отсто, на 8.231 поен, додека франкфуртски DAX порасна за 0,13 отсто, на 18.496 поени, а париски CAC за 0,55 отсто, на 7.978 поени.