Падот во технолошкиот сектор го притисна Волстрит

Берзанските индекси паднаа на Волстрит во четвртокот, губејќи дел од добивките од претходниот ден, главно поради падот на цените на акциите во технолошкиот сектор.

Индексот Dow Jones падна за 0,16 отсто, на 43.153 поени, додека S&P 500 падна за 0,21 отсто на 5.937 поени, а Nasdaq за 0,89 отсто, на 19.338 поени.

Падот на индексот е најмногу последица од притисокот врз технолошкиот сектор. Најмногу падна цената на акцијата на „Apple“, за околу 4 отсто, по веста за остриот пад на продажбата на неговите паметни телефони iPhone во Кина. Нешто поскромно паднаа цените на другите технолошки гиганти, како „Tesla“, „Nvidia“ и „Alphabet“.

Од друга страна, најмногу пораснаа цените на акциите во банкарскиот сектор, бидејќи неколку од најголемите американски банки објавија подобри од очекуваните квартални деловни резултати.

Инвеститорите беа фокусирани и на новите економски податоци кои покажаа дека американската потрошувачка останува силна и дека пазарот на трудот и понатаму е затегнат. Ова отвора простор за американската централна банка да го забави темпото на намалување на каматните стапки.

Ден претходно, цените на акциите остро пораснаа, бидејќи благото намалување на инфлацијата во САД ги оживеа шпекулациите за намалување на каматните стапки. Пазарот проценува дека Fed би можел да ги намали каматните стапки на состанокот во јуни. Дотогаш, велат аналитичарите, лидерите на централните банки ќе го следат влијанието на политиката на Доналд Трамп, кој ќе ја преземе функцијата следната седмица, врз економијата и инфлацијата.

А на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс се зголеми за 1,09 отсто, на 8.391 поен, додека франкфуртски DAX порасна за 0,39 отсто, на 20.655 поени, а париски CAC за 2,14 отсто, на 7.634 поени.