Пакистан ја потпиша првата нарачка на руска нафта

Пакистан ја заокружи првата нарачка на руска нафта по поволна цена во рамките на договорот меѓу Исламабад и Москва, објави во четвртокот пакистанскиот министер за енергетика и додаде дека првиот танкер со руска сирова нафта се очекува во мај во пристаништето во Карачи.

Склучената зделка со Пакистан и отвора на Русија, којашто веќе има слични договори склучени со големите потрошувачи на нафта Индија и Кина, откако по нејзината инвазија во Украина, ткн колективниот Запад под закана со санкции го одреди плафонот на цената на руската нафта која ја купуваат западните компании а потоа по повисоки пазарни цени им ја продаваат на трети страни.

Пакистан е долгогодишен сојузник на САД, кој има историја на воени судири со соседна Индија која е историски поблиска на Русија, па западните аналитичари сметаа дека Исламабад тешко ќе ја прифати руската понуда.

Меѓутоа, последната деценија Исламабад сѐ повеќе се оддалечуваше од Вашингтон и склучуваше скапи стратешки договори со Кина, којашто, пак, има тензични односи со Индија. Поранешниот пакистански премиер Имран Кан, кому во 2022 година му изгласа недоверба, за што тој ги обвинува САД поради неговото приближување со Кина.

Меѓутоа, Пакистан сега е соочен со тешка финансиска ситуација, па нафтата по пониска цена од пазарната според плафонот за руската нафта која ја донесоа ЕУ и земјите од групата Г7 по иницијатива на САД, се покажа како добра можност во периодот кога на Исламабад му се заканува неможност да ги сервисира своите долгови, а не добива помош од западните сојузници.

Резервите во странска валута на пакистанската централна банка одвај се доволни за покривање на четири седмици увоз на нафта, пишува агенцијата Reuters. Меѓутоа, Русија сѐ почесто успева да склучува договори кои вклучуваат исплати во националните валути на двете страни или во други валути исклучувајќи го американскиот долар како досега вообичаеното средство на нафтените пазари.

Пакистан во рамките на договорот ќе купува само сирова нафта. Министерот за енергетика Мусадик Малик за Reuters рекол дека очекува дека увозот ќе се зголеми на 100.000 барели дневно, доколку првата трансакција мине добро. Пакистан минатата 2022 година увезувал 154.000 барели нафта дневно, според податоците на аналитичката компанија „Kpler“.

Пакистан досега главно ја купуваше нафтата од Саудиска Арабија, а на второ место беа Обединетите Арапски Емирати. Така, како и во случајот со Индија и со Кина, овие 100.000 барели дневно од Русија би значело дека и Пакистан значително би ја намалил зависноста од блискоисточната нафта.