Пакистан му даде највисоко признание Бил Гејтс за ублажувањето на сиромаштијата и на болести

Пакистан го награди ко-основачот на „Мајкрософт“, милијардерот Бил Гејтс, со второто највисоко цивилно признание Хилал-е-Пакистан, за ублажување на сиромаштијата и неговата посветеност на искоренувањето болести, како што се полио и туберкулоза.

На Гејтс му беше врачена наградата Хилал-е-Пакистан, директно од претседателот Ариф Алви. По церемонијата, тој имаше состанок со премиерот Имран Кан.

– Посветеноста на Пакистан да стави крај на полиото е инспиративна, изјави Гејтс во објава од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

Фондацијата на Гејтс помогна речиси да се искорени болеста.

– Лидери на Влади, здравствени работници, како и родители, работат неуморно на тоа да се осигураат дека оваа болест нема да парализира уште едно дете, истакна Гејтс.

Милијардерот пред новинарите во Исламабад изјави дека е импресиониран од тоа што го прави Пакистан. Според Гејтс, полиото во Пакистан се шири помалку од очекуваното, а причината ја гледа во тоа што луѓето помалку излегуваа од дома за време на пандемијата од Ковид-19.

– Мислам дека со тоа што ќе го преземи Пакистан во 2022 година, најверојатно ќе му дојде крајот на полиото, појасни Гејтс.

Кога станува збор за Авганистан, Гејтс појасни дека таму сега се врши повеќе вакцинација против полио, во споредба со изминатите години.

Пакистан и Авганистан се единствените земји во светот, каде детската парализа останува ендемична. Болеста може да предизвика делумна парализа кај децата.