Пакистан забрани прелет на авионот на индискиот премиер

Пакистан го одби во средата барањето индискиот премиер Нарендра Моди да помина низ воздушниот простор на земјата на лет за Германија, соопшти шефот на пакистанската дипломатија Шах Мехмуд Куреши.

Куреши наведе дека имајќи ја предвид ситуацијата во „окупираниот“ Кашмир одбиено е барањето авионот на Моди во петок да мине низ воздушниот простор на Пакистан и при враќањето од Германија следната седмица.

Портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи Равиш Кумар изјави дека тоа е вторпат во рок од две седмици да се одбие барање на највисоки индиски претставници да летаат низ пакистанскиот воздушен простор.

„Пакистан би требало да размисли за својата одлука, отстапување од меѓународната пракса и да ја преиспита својата стара навика да дава лажни причини за своите еднострани акции,“ посочи Кумар.

Одлуката на Исламабад дополнително ќе ги влоши односите меѓу Пакистан и Индија, што се веќе тензични по одлуката на Њу Делхи да го укине специјалниот статус на Кашмир.