Палестинците не очекуваат промена на политиката од новата влада на Израел

Повеќето Палестинци од енклавите Појасот Газа и од Западниот брег (на реката Јордан), која се смета за окупирана палестинска територија, во четвртокот ја отфрлија можноста дека ќе се почувствуваат промените во израелските политики, изјавувајќи дека крајно десничарскиот челник кој треба да го замени досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху веројатно ќе има иста политка кон арапското малцинство.

Нафтали Бенет, поранешен функционер на главната организација за еврејското населување на Западниот брег, ќе биде новиот премиер на Израел првите две години од владеењето на коалицијата, која беше договорена во средата, а чиј дел е и малата арапска партија Ра’ам.

„Нема разлика меѓу израелските лидери. Тие се добри или лоши за својата нација. А кога станува збор за нас, сите тие се лоши, одбиваат на Палестинците да им ги дадат нивните права и земјата“, рекол за Reuters 29-годишниот Ахмед Резик, вработен во јавниот сектор во Газа.

Басем ал-Салхи, претставник на Палестинската ослободителна организација (PLO), која дејствува на Западниот брег, рекол дека Нафтали Бенет нималку не е помалку екстремен од Бенјамин Нетанјаху.

Хамас, исламистичкото движење кое во 2007 година ги протера од Појасот Газа функционерите на Палестинската самоуправа и самостојно владее со енклавата, порача дека ништо нема да се промени со новата израелска власт.

„Палестинците беа под десетици израелски влади низ историјата, десни, леви, центристички, како веќе и да ги нарекуваат. Но сите тие беа непријателски настроени кога стануваше збор за правата на нашиот палестински народ и сите имаа експанзионистичка политика“, изјавил портпаролот на движењето Хазем Касем.

Во новата израелска владејачка коалиција првпат во историјата влезе и арапска партија, која ги доби гласовите на арапското население кое сочинува 21 отсто од вкупниот број жители на Израел.

Челникот на партијата Ра’ам, Мансур Абаз, изјави дека коалицискиот договор вклучува издвојување во висина од повеќе од 16 милијарди долари за подобрување на инфраструктурата и борбата против криминалот во мнозински арапските градови.

Меѓутоа, Мансур Абаз е критикуван и во Газа и на Западниот брег, бидеќи „застанал со непријателите“.

„Тој е предавник. Што ќе стори кога ќе му побараат да гласа за нова војна во Газа? Ќе го прифати тоа и ќе биде дел од убивањето на Палестинците?“, рекол 21-годишниот Бадри Карам, жител на енклавата.