Палестинските безбедносни сили убиле припадник на локална вооружена група поврзана со милитантниот Исламски џихад во четвртокот на Западниот Брег, откако биле под оган, јавува Reuters, додавајќи дека тоа е редок судир меѓу Палестинците.
Талак Двејкат, портпарол на безбедносните служби на Палестинската самоуправа, изјави дека органите на редот биле испратени во ноќна патрола во Тулкарм и биле под оган и возвратиле и го застрелале напаѓачот, кој починал од раните во болница.
Видео кое кружи на социјалните мрежи покажува дека автомобилот на напаѓачот се нашол под дожд од куршуми. Агенцијата Reuters соопшти дека не може веднаш да ја потврди автентичноста на снимката.
Локалната вооружена група Бригадите Тулкарм и Нур Шамс објави дека загинатиот човек Ахмед Абу ал-Фул е нивни член. Групата ја потврди својата поврзаност со милитантите на Исламскиот џихад.
Бригадите Тулкарм и Нур Шамс го опишаа нападот на палестинските безбедносни сили врз нивниот член како „атентат во израелски стил“. Според вооружената група, ал-Фул бил нападнат „без причина“.
Движењето Хамас кое управува со Појасот Газа, сојузник на Исламскиот џихад, ги осуди „нападите на силите на палестинската управа против нашиот народ и борците на отпорот“.
Палестинската самоуправа, предводена од претседателот Махмуд Абас, има ограничена самоуправа на Западниот брег и понекогаш ја координира безбедноста со Израел. Безбедносните сили на Палестинската самоуправа неколкупати се судрија со членови на локални вооружени групи во изминатата година.