ВИДЕО| Палестинските власти во Газа обвинија за убиство на петмина новинари во израелски напад

Властите во Газа соопштија дека во израелски воздушен напад загинале пет палестински новинари пред болница во четвртокот, а израелската војска тврди дека нападнала возило со милитанти на Исламскиот џихад.

Лекарите рекоа дека најмалку 21 лице загинало во израелските воздушни напади врз палестинската енклава додека Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за одложување на постигнувањето договор за прекин на огнот.

Унијата на палестинските новинари соопшти дека пет новинари на телевизискиот канал Al-Quds Today биле убиени во напад пред болницата „Ал-Авда“ во бегалскиот камп Ал-Нусеират во центарралниот дел на Појасот Газа. Од почетокот на војната во октомври 2023 година, убиени се повеќе од 190 палестински новинари.

Израелската армија објави дека „извршила прецизен напад врз возило со терористичка група на Исламскиот џихад во областа Нусејрат“. Израел редовно ги негира нападите врз новинарите и вели дека презема чекори за да избегне напади врз цивили.

Групата Исламски џихад, сојузник на Хамас, се приклучи на борбата против Израел во октомври 2023 година.

На видеото од местото на нападот се гледаат остатоци од бело комбе со, како што изгледа, остатоците од зборот PRESS на задната врата.

На погребот на петтемина новинари присуствуваа десетици роднини и колеги новинари. На нивните тела се ставени панцири со натпис PRESS.

„Израелската армија го оправдува овој напад со тврдењето дека цели поединци вклучени во палестински организации и групи. Сепак, овие лица беа на задачи, во возила за печат и покриваа настани“, рече дописникот на каналот Al-Araby, Абед Мекдад за време на погребот.

Лекарите во енклавата соопштија дека уште осум лица се убиени, а 20 се ранети во израелски воздушен напад врз куќа во населбата Зејтун во Газа. Тие додадоа дека бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи многу луѓе се заробени под урнатините.

Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за неуспехот да се постигне договор за прекин на огнот и покрај напредокот што го пријавија двете страни. Хамас соопшти дека Израел поставил нови услови, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини движењето дека се откажува од веќе постигнатите договори.