Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека палестинско знаме денес за прв пат ќе биде подигнато во Обединетите нации, што според него е знак на надеж во време на растечки очај што не е создадена независна држава.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун и Абас ќе претседаваат со 15-минутната церемонија откако палестинскиот лидер ќе се обрати пред Генералното собрание.
Израел и САД се против подигнување на палестинско знаме наведувајќи дека симболичниот гест не е во корист на мирот. Генералното собрание на ОН на 10 септември гласаше за истакнување на знаме на Палестина и на Ватикан, земјите кои имаат статус на набљудувачи. Резолуцијата беше поддржана од 119 земји, 45 беа воздржани и осум против.