Палевски барал да го застапува тим од адвокати, меѓу кои се и Менкиноски и Страшевски ?

Љупчо Палевски-Палчо бара да го застапуваат тим од адвокати. Негов прв избор односно прво барање бил адвокатот Тони Менкиноски. Втор на листата е адвокатот Јовица Страшевски, објави како што дознава „Слободен печат“.

Но, ниту Менкиновски ниту Страшевски немаат добиено официјално барање да бидат правни застапници на Палевски. И двајцата запрашани дали би се нафатиле да го застапуваат Палевски, дадоа неодредени одговори односно не сакаа да прејудицираат за сопствената одлука.

Менкиновски кратко за „Слободен печат“ рече дека е „службено отсутен“ така што не би бил во можност да го застапува Палевски. Но, дали ова ќе се оствари ќе покаже времето.

Страшевски пак истакна дека ќе размисли доколку му биде понудено да биде адвокат на Палевски. Кратко рече дека се познаваат.

Неофицијално од извори во партијата „Десна“ каде членуваат сите осомничени за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, дознаваме дека е дефинитивно оти Палевски ќе го застапуваат повеќе адвокати кои ќе соработуваат заедно.

Палевски на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, во обид да избега. Потоа тој помина шест месеци во екстрадиционен притвор. За соучество во убиството на Ѓорчевска се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето. Неодамна Врховниот суд одобри Александар Ѓорчевски да биде во домашен притвор. Инаку, екстрадицијата на Палевски од Турција во Македонија е одобрена без поставување на ниту еден услов (таа е безусловна) од страна на Министерството за правда на Турција.