Палмер: Црна Гора и Србија треба да разговараат

Најважната порака е дека Србија и Црна Гора треба да разговараат, владите треба да комуницираат и треба да има отворени канали за комуникација, рече заменик-помошникот државен секретар и специјален претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Метју Палмер, по повод одлуката на Црна Гора соседна Србија да не е на списокот на држави чии граѓани можат да влезат во Црна Гора заради олеснување на мерките против новиот коронавирус.

Палмер за Гласот на Америка изјави дека Црна Гора има право да воспостави параметри за тоа кој може да влезе во земјата, но додаде дека треба и „внимателно да размисли како тоа може да влијае на односите со важен сосед, како ќе влијае на туризмот, со оглед на важната улога на српските туристи во црногорската економија“.

„Има простор за разговор, кој треба да биде отворен, транспарентен, мирен и да се идентификува патот напред, во корист на сите. Србија и Црна Гора секогаш ќе бидат соседи и треба да најдат начин да ги решат овие проблеми во партнерство“, рече Палмер.

Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, во средата изјави дека одлуката за затворање и отворање на границите не е насочена против никого.

На почетокот на следната недела Црна Гора ќе ги отвори своите граници со државите каде што бројот на заразени е помалку од 25 во однос на 100.000 жители, а на списокот спаѓаат Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Унгарија, Албанија и Грција, пренесува Фена.

Откако Србија не беше на списокот на земји со кои Црна Гора ќе ја отвори својата граница на 1 јуни, Премиерот на Србија, Ана Брнабиќ, ги повика жителите на нејзината земја да не ги поминуваат своите лета во Црна Гора.

Набргу потоа, српските власти решија да им забранат на авионите на „Montenegro Airlines“ да слетаат на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.

Црна Гора стана првата земја во Европа што прогласи крај на пандемијата, откако со денови не забележа нови случаи на заразени со коронавирус.