Панама ќе ги депортира мигрантите кои ја преминале џунглата Дариен

Владата на Панама очекува да започне летови за два до три месеца за да ги депортира мигрантите кои ја преминале опасната џунгла Дариен во земјата, објави во петокот шефот за миграција Роџер Мохика.

Летовите ќе ги плаќаат САД според неодамнешниот договор што двете земји го постигнаа претходно во јули.

„Ги одредуваме потребите, опремата и барањата со кои треба да се соочи Панама за да ја започне програмата, а исто така сме во дискусија и со Соединетите држави“, рече Мохика на конференциска врска, оценувајќи дека „треба да можеме да го започнеме процесот за два до три месеца“.

Новиот претседател на Панама, Хозе Раул Мулино, вети дека ќе ја спречи илегалната имиграција и почна тесно да соработува со САД за да го контролира преминот низ панамската џунгла, Дариен Гап, кој ја поврзува Централна Америка со Колумбија и јужноамериканскиот континент.

Рекордни половина милион мигранти поминале низ таа џунгла во 2023 година, барајќи безбедност и подобри економски можности во странство. Панамските власти проценуваат дека досега оваа година Дариен го поминале околу 213.702 илјади, меѓу кои и многу деца.

Темата за миграцијата стана актуелна пред изборите во САД, клучна дестинација за многу мигранти, при што републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп ветува посилни граници и масовни депортации.