Панама и САД во четврфиналето на Голд Куп

Панама и САД се пласираа во четврфиналето од првенството на северно и централноамериканските земји, по победите во Групата Д.

САД кои се бранители на титулата, со високи 6:0 славеа против Тринидад и Тобаго, со што ѝ се одмаздија на оваа селекција која ги спречи да учестуваат на Светското првенство во Русија во 2018 година, откако во Коува ги победи со 2:1. Американците поведоа во 41 минута преку Арон Лонг и во следните седум минути двоен стрелец беше Гјаси Зардес. Кристијан Пулисик во 73 минута зголеми на 4:0, продолжи Ариола во 78-та, а Лонг со својот втор гол во 90 минута ги постави конечните 6:0.

Во Кливленд, Андиел Аројо во 16 минута го постигна првиот гол за Панама, а Гвајана израмни во 33 минута од пенал преку Нил Данс, но седум минути подоцна неговиот соиграч Торенс Венкутен постигна автогол за водство на Панама од 2:1. Ерик Дејвис, исто така, од пенал во 51 минута ја зголеми предноста на Панама на 3:1, Габриел Торес во 86 минута го постигна четвртиот гол за Панама, но Данс уште еднаш од белата точка во 90 минута намали за конечните 4:2.

На табелата во Групата Д со по две победи од две кола веќе се квалификуваа САД и Панама, а без бодови се Гвајана и Тринидад и Тобаго.

Панама последниот меч во групата го игра во Канзас Сити против САД во среда, а Гвајана ќе се соочи со Тринидад и Тобаго.