
Пресумпција на невиност нема во Република Македонија, недозволено е јавно објавување на предистражна постапка – разочарувачки е тоа што се случува во Македонија каде на секој чекор се кршат правата, рече во средата за работењето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Владимир Панчевски за телевизија Алфа
Оцени дека од медиумската спектакуларност што се давала на одредени ситуации, било очигледно дека постои политичка задбина. Панчевски притоа истакна дека особено интригантно е и тоа што институциите и организациите за човекови права не се интересираат за овие ситуации.
За тоа што СЈО влезе во неговиот кабинетот и го сомничеа дека одавал службена тајна, Панчевски вели
„Тивок бунт за кој излезе дека е со политичка заднина, мобинг кој не постоеше, тоа беше хајка којашто се водеше за мене. Една година се врши вештачење на два мобилни телефони и два компјутера. Не сум бил никогаш член на политичка партија, имав несреќа да бидам избран меѓу двајцата кандидати, за секоја година од мојата работа сум направил многу“, рече судијата.
За местење судења и лажирање тој вели дека никогаш немало ниту, пак, било возможно со Акмис системот. За двете кривични дела за кои се товари тој вели
„Товарот е дека сум влијаел при распоредувањето на предмети на пристрасни судии. Кои се тоа пристрасни судии? Одлуките се донесуваат по тежина, по бројот на предмети, приоритет на предмети, кои пак се распоредуваат на електронски начин. Управувачки одлуки секогаш морало да има“, додаде Панчевски.