Панче Тошковски ја презеде министерската функција во МВР од Спасовски

Во Министерството за внатрешни работи денеска досегашниот министер Оливер Спасовски ја предаде должноста министер за внатрешни работи на новоименуваниот прв човек на овој ресор Панче Тошковски.

На чинот на примопредавањето, министерот Тошковски му се заблагодари на Спасовски за неговиот досегашен анганжман во министерството, информираат од МВР.

Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај.

Мандатот на преодната Влада трае од изборот, се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.

Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, а во 2020 година беше Оливер Спасовски.