Почетната експериментална фаза на нуклеарниот реактор за фузија ITER во францускиот Сен Пол-лез-Дуранс најверојатно нема да започне до 2034 година, подоцна од планираното, поради пандемијата на ковид-19 и проблемите со деловите, објави проектниот тим.
ITER требаше да биде лансиран само накратко во 2025 година за тестирање, со ниски нивоа на енергија. Новиот план ја предвидува првата експериментална фаза на реакторот во 2034 година, објавија инженерите во средата.
Наместо симболично лансирање на плазмата при тестирањето на релативно „гола“ машина, ние ќе експериментираме со плазмата од самиот почеток и барем делумно ќе го компензираме доцнењето, рече директорот на ИТЕР, Пјетро Барабаски на прес-конференција во средата.
Промената на плановите ќе овозможи и поефективно ублажување на ризиците во остварувањето на проектните цели, додаде Барабаски.
Реакторот би требало да произведува енергија со фузија на атоми на водород, имитирајќи ги процесите на Сонцето. За да се постигне тоа, водородната плазма треба да се загрее до 150 милиони степени Целзиусови, а реакторот на крајот треба да произведе десет пати повеќе енергија отколку што ќе потроши.
Проектот ги обедини ЕУ, САД, Русија, Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја. Работите започнаа во 2010 година, а трошоците беа проценети на повеќе од 20 милијарди евра.
Поддржувачите на проектот се надеваат дека нуклеарната фузија ќе обезбеди климатски, речиси неисцрпен извор на енергија. Критичарите, пак, тврдат дека ITER веќе е претекнат од обновливите извори на енергија.
Стручњаците во ITER посочуваат дека доцнењето на проектот не треба никого да изненади со оглед на пандемијата и проблемите со квалитетот на поединечните делови. Бројни делови дури нема да бидат достапни до 2025 година, кога реакторот требаше пробно да биде покренат, забележуваат тие.
Промената на плановите веројатно ќе значи дополнителни трошоци од неколку милијарди евра, предупредуваат тие.