Македонскиот атлетичар Ристе Пандев не успеа да го истрча своето најдобро време на една од денешните квалификациски трки на 200 метри на Европското првенство во Цирих, Швајцарија.
Тој се пласира на 29. место од вкупно 31 натпреварувач колку што се појавија во квалификациите во оваа дисциплина.
Пандев трката ја заврши со време од 21,96 секунди или 31 стотинка послабо од неговиот рекорд на 200 метри. Со ваквото постигнување, Македонецот зад себе ги остави само Микел Де Са од Андора и Фабијан Халднер од Лихтештајн.
На ЕП во вторникот настап имаше и Христина Ристеска која на 400 метри не влезе во полуфиналето но постигна личен рекорд – 57,47 секунди.
МИА