ВМРО-ДПМНЕ е предводник на овој протест, но огромен број на луѓе ќе дојдат на протестот на 18 јуни, од сите партии и националности. На народот му е дојдено преку глава, не можат да го издржат повеќе ова страдање, изјави за „Што не е јасно“ на Алфа, Александар Пандов, претседател на Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ.
Пандов истакна дека масовноста на протестот ќе биде одраз на лошиот живот во Македонија, затоа што обичниот народ пати изминативе години, а владата владава нема ништо добро направено и тоа го покажуваат сите бројки.
Пандов посочи дека колку и да се правда власта, реалноста е дека токму заради нив има толку висока инфлација и дека државава не памети толку високи цени,
– Македонија не памети поскапи горива, а денеска има ново покачување. Поскапеа горивата, народот нема пари, народот со оваа влада станува се посиромашен и посиромашен мора да се стави крај. Крајот е предвремени парламентарни избори, да повлечеме црта и да тргнеме напред, вели Пандов.
Доказ за лошиот живот со оваа власт, како што рече Пандов, е тоа што на сите анкети младите кажуваат дека сакаат да си заминат од Македонија.
– Младите на возраст од 18 до 35 години, над 80% на сите анкети велат дека би си заминале од Македонија. Тоа е страшно нешто. Ковачевски се провозел ли низ Македонија, видел ли како се живее? Се иселуваат луѓето и тоа е запрепастувачки, а оваа влада не ни разговара за тоа, потенцира Пандов.
Тој нагласи дека луѓето не ја напуштаат државава и само заради сиромаштијата туку и заради системот и нефункционалноста на македонското општество.
– Овие 4-5 години на граѓаните им е дојдено преку глава. И тоа ни е показател како гледаат на денешното живеење. Можеби и да не работат ќе направат подобро нешто, затоа што со се што прават тоа е лошо за државава, рече Пандов.