Пандов: На протестот за уставобранителите на Заев да му ја покажеме моќта на народот

Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов на одбележување на 116 години од херојската погибија на Христо Узунов и неговата дружина во Цер, кичевско, рече денес му се оддава почит на херојското дело на Узунов и неговата чета.

„Најголемата работа која ја прави Узунов е што тој одбива да замине и останува во Охрид и Битола и ги обновува четите. По нерамноправната битка се борат до последниот куршум и не се предаваат на Османлиите. Наместо да се предадат Узунов и неговатаа чета се самоубиваат“, рече Пандов.

Пандов посочи дека самиот Узунов мислел дека настанот е резултат на предавници.

„Нас, денес во Македонија ни се намножија предавници.  Со Македонија владее и можеби најголемиот предавник.   Благодарение негово го изгубивме достоинството, ни го смени името, сакаат да ни ја сменат историјата, јазикот. На името Македонија ставија срамна придавка“, кажа Пандов.

Претседателот на Патриотскиот институт посочи дека херои денес се уставобранителите.

„Жртвата која ја носат тие не може да биде поголема Тие сами ја одбија амнестијата, тие четири години се во затворите и се осудени за тероризам, а на сите им е јасно дека не се терористи. Веројатно тоа му е јасно и на Зоран Заев. Наше е во секој нареден ден да го спомнуваме за нивното херојско дело“, посочи Пандов.

Оттука Пандов повика на утрешниот протест за уставобранителите  да има што повеќе граѓани со што на Заев ќе му ја покажат моќта на народот.