Пандов: ВМРО-ДПМНЕ е со збиени редови, пратениците нема да гласаат за уставни измени под овие услови

Во вечерашната емисија „За или Против“ на ТВ Алфа гостуваше Александар Пандов, од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ кој во однос на уставните измени истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници се 100 посто против овие уставни измени и пратениците нема да гласаат за уставни измени под овие услови.

„Можат и Стево Пендаровски и Талат Џафери да си ја тераат својата агенда нивната агенда одамна е јасна, а тоа е да спроведуваат штетни политики кон Македонија и македонскиот народ тоа е во континуитет веќе 6 години. Во 2018 го потпишаа оној бугарски договор, поради кој што сега еве е дојдено до тие уставни измени кои треба да се прават, подоцна го потпишаа Преспанскиот договор и тие си ја тераат својата агенда.За цела среќа во Македонија постои ВМРО-ДПМНЕ, партија која што е во буквална смисла на зборот на браникот на македонските национални интереси.

Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ ,Пандов додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ е со збиени редови и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за уставни измени.

„ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници се 100 отсто против овие уставни измени нивно право е тоа да го буткаат и тоа го прават незаконски. ВМРО-ДПМНЕ е против носење на овие уставни измени на ваков начин под овие услови, причините се јасни. Јас во опозиција ВМРО-ДПМНЕ никогаш не сум го познавал покомпактно, по со збиени редови и што е најважно пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на тоа дека под вакви услови нема да гласаат уставни измени“ нагласи Пандов.