Пандов жестоко реагира на провокациите на Џамбаски: Заслужува шлаканица а потоа и да го шутнеш со нога

Скандалозниот спот на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, во кој тој Македонија ја нарекува бугарска, не престанува да ја бранува јавноста во земјава.

Вчера со протестна нота реагираше Владата, а реагираа и бројни претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека Ангел Џамбаски, за кого има само погрдни зборови, заслужува шлаканица, но и да биде шутнат со нога.

Еве што на фејсбук пишува Пандов за Ангел Џамбаски.

„Човек кога го гледа ова лигаво бугарско фашистичко копиле и без да го слуша, на прва што му доаѓа на памет е да му залепи шамарчина! Ваљда после као логично доаѓа и да го шутнеш со нога, као џукела!!!“, пишува Пандов во својот пост на фејсбук.

Вчера вечерта Министерството за надворешни работи на земјава до бугарското МНР конечно упати една протестна нота, по провокаторското видео на европратеникот и заменик-претседател на политичката партија ВМРО – Бугарско национално движење, Ангел Џамбаски.

„Ќе ги известиме и соодветно ќе реагираме и до институциите во Европската унија. Во оваа прилика напоменуваме дека ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји. Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени“, реагира МНР..

Бугарскиот европратеник објави скандалозен спот кој изобилува со кадри од Скопје, Охрид и други локации во Македонија, при што вели дека Македонија е на Бугарите.

Џамбаски на  Фејсбук ги промовира големобугарските сонови поткрепени од Санстефанскиот договор. Вели дека ние сме само „времени управители“ во Македонија. Според него, не може да се живее во 21 век, без да се признае 20-от век.