Паника во Ферари, болидот има голем хендикеп

Пред стартот на сезоната во Формула 1, Ферари беше задоволен што направил најбрз мотор и најави уривање на рекордот на Хуан Пабло Монтоја од 372 км /ч на рамниот дел на Монца. Но германскиот “Авто Мото Спорт” ја откри другата страна од приказната. Овој угледен магазин соопшти дека моторот на Ферари е 13 килограми потежок од конкуренцијата, што е голем хендикеп за новата сезона.

Тежината на моторот ги изненади и шефовите во Маранело, кои пред почетокот на сезоната беа против зголемување на минималната тежина од 691 килограм за 2014 година.
Во Мелбурн, Алонсо и Раиконен по дисквалификацијата на Рикардо ( Ред Бул)завршија на четвртото односно осмото место, што не е толку лошо, но заостанувањето зад најдобриот е преголемо.
“Имам 12 бодови повеќе од Хамилтон и Фетел. Но, заостанав 35 секунди зад Розберг. Ова е нешто за што мораме да бидеме загрижени” , изјави Фернандо Алонсо , кој додаде дека не е време за хистерија и дека пресвртот во новата сезона се уште е возможен.
“Нашата конкуренција во Мелбурн беше неприфатлива. Нашиот проблем е во тоа што треба да добиеме дозвола од ФИА за да ја намалиме тежината на моторот сред сезона. Во наш прилог оди тоа што три доставувачи на мотори , меѓу кои и Мерцедес побараа да ги променат моторите”, призна техничкиот директор Џејмс Алисон.