Панова: Хаосот на бензинските пумпи е бидејќи трет ден по ред се зголемува цената на нафтените деривати, неспособноста на власта е се поочигледна

Ние од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата никако нема да дозволиме да поминат закони кои што имаат фалинки и кои што имаат недостатоци се со цел одредена корист на одредени поединци или одредена корист на политичките партии кои што се на власт, истакна Ели Панова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Објектив“.

Панова додаде дека од моментот кога опозицијата прогласи дека ќе има активна блокада, јасно ги кажа своите принципи и што е тоа кон што се стреми.

„Мора да се каже ретроспектива на сите настани, за да може да се разбере суштината. Видете, најпрвин од страната на претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше понудена рака, и беше понудено да се седне на една маса и да се направи еден дијалог и да се поразговара за многу работи меѓудругото и за предвремени парламентарни избори. Во оваа понуда ние понудивме и тимови кои што би се справиле односно би помогнале на Владата која што видовме дека е неспособна, да се справи со цела оваа криза, со сите овие четири кризни состојби во сето ова што во моментов го гледаат и го чувствуваат граѓаните на Македонија“, појасни Панова.

Посочи дека подадената рака на ВМРО-ДПМНЕ ја одби власта.

„Ако има хаос на бензинските пумпи сега во моментов е бидејќи гледаме дека по трет ден се зголемува цената на нафтените деривати. Ако гледаме дека имаме хаос во сите маркети каде што граѓаните сакаа до вчера да купат поевтини продукти е заради тоа што се укина мерката односно антикризната мерка од Владата заклучно со вчера. Ако видите дека имаме хаос низ сообраќајот е поради протестите кои што се случуваат на различни засегнати групи на граѓани кои што не се согласуваат со моменталната политика на Владата, тогаш ќе видите дека граѓаните на Република Македонија го оправдуваат хаосот кој што во моментов се случува во Собранието. Нервозата расте и за да истата ескалира верувајте дека се потребни две страни. Рековме дека нема да подржиме закони кои што имаат недостатоци и фалинки и зад тоа истото стоиме. И активно ќе блокираме, ќе поднесуваме законски решенија со цел подобрување на животот на граѓаните„, нагласи Панова.

Потсети дека има многу битни законски решенија кои пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги има поднесено, но за жал од власта ниедно не беше прифатено. Таков случај беше со законското решенија недела неработен ден да не важи за туристичките места, тоа решение беше одбиено од власта. И по одреден период истото законско решение беше поднесено од власта за да сама си го изгласа.