Ако некој минатата година ми речеше да се вакцинирам со вакцина од Истокот, веројатно ќе го сфатев тоа како навреда, а сега излегува дека тоа е добра опција. Ова за Мета го вели професорот д-р Никола Пановски, додавајќи дека во однос на вакцините можеме да се потпреме на Истокот и земјите како Индија и Кина.
Тој смета дека вакцината од „Синофарм“ е класична вакцина произведена од мртов вирус и дека не е направена со нова технологија.
– На квалитетот на вакцината треба да се гледа како за некој друг бренд. Производите им се рамни на западните, се надевам дека и вакцините се такви, квалитетни. Според ова што го гледаме како се справува Западот, не треба источните опции да се отфрлаат. Ако дојде кинеската вакцина утре, јас прв ќе се вакцинирам – вели Пановски.