Пападопулу на средба со Гаши: Северна Македонија има искрен пријател во Грција

Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши се сретна со грчката заменик-министерката за надворешни работи Aлександра Пападопулу, со која разменија мислења за јакнење на соработката и дијалогот меѓу двете земји на сите полиња, како и за понатамошниот процес на пристапување на земјава во Европската унија, соопштија од собраниската прес-служба.

Гаши е заблагодарил за поддршката од Грција за процесот на евроинтеграција на земјава, по зачленувањето во НАТО, што е резултат, како што рекол, на постигнувањето на Преспанскиот договор.

Заменик-министерката му го честиташе на претседателот Гаши изборот на функцијата, при што порача дека Македонија има искрен пријател во Грција. Тоа, рече Пападопулу, е пораката што ви ја носам од целото лидерство на Грција – дека ние сме пријатели, соседи, сојузници, партнери во НАТО, а еден ден ќе бидеме и партнери и во ЕУ, се вели во соопштението од Собранието.

Гаши заклучил дека двете земји се на мошне добар пат во унапредувањето на билатералните односи, со оглед на интензивната соработка и комуникација меѓу граѓаните, во делот на економијата и туризмот,со потенцијали за интензивирање во патната инфраструктура, енергетиката, образованието, културата и во сите други области од заеднички интерес.

Соговорниците се осврнале и на соработката на ниво на парламенти, при што претседателот Гаши покажа интерес за организирање официјални посети и истовремено ја информирал заменик-министерката Пападопулу дека во Собранието во секој нов мандат се формираат пратенички групи за соработка меѓу двете земји.