Папата ја отвори луксузната палата Миглиори за бездомниците

Палатата Миглиори е величествена зграда од 19 век во сосптвеност на Римокатоличката црква. Сместена е во близина на плоштадот Свети Петар во Ватикан, а минатата година ја напуштија монахињи кои таму живееја речиси 70 години. Поради близината со клучните точки во Ватикан, постоеја предлози палатата да се претвори во хотел, што би заработувал добри пари, бидејќи е огромен бројот на посетители во Рим и Ватикан на кои им е потребно квалитетно сместување.

Сепак, папата Франциск цврсто одлучи палатата Миглиори да биде сигурен дом за бездомниците, пренесуваат порталите.

За време на свеченото отворање на реновираната зграда, папата порача дека убавината се лекува. На 31 јануари, во пресрет на светскиот ден на сиромаштијата папата ја благослови палатата.

Палатата, што неофицијално е позната како Палата на сиромашните, моментално е дом на околу 50 бездомници, кои живеат во 16 спални соби, со топли оброци подготвени од волонтери.

-Ова за мене е дом. Имам свој кревет, своја соба и бања. Сосема е различно од домовите во кои досега престојував. Тие места изгледаа како штала полна со стока, вели 53-годишниот Марио Бреза, нов станар во засолништето на папата.

Карло Санторо, член на католичкото добротворно здружување Заедница на Свети Егидиа, смета дека палатата Миглиори е вистинска мешавина на крајности.

-Станува збор за раскошна зграда, веднаш до плоштадот и базиликата Свети Петар, населена од оние кои, до неодамна, дури и немаа покрив над главите, истакнува Санторо.

Интересот на папата Франциск за материјално загрозените не е новост. Во 2016 година, тој ги покани сите бездомници да присуствуваат на масовна служба во Ватикан посветена единствено на нив, а за време на овој настан остро го осуди начинот на кој светот се однесуваше кон најсиромашните членови на општеството.