Папата ќе биде погребан надвор од Ватикан

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, кој веќе поедностави многу од раскошните церемонии во Ватикан, одлучи да го стори истото и со папскиот погребен ритуал и да биде првиот во повеќе од сто години да биде погребан надвор ѕидините на Ватикан.

Папата, кој во недела ќе има 87 години, ги откри плановите за неговиот погреб во интервју за мексиканската телевизија N+ во вторникот вечерта, на празникот на Пресвета Богородица од Гвадалупе.

Франциск објави дека работи со церемонијалниот водител на Ватикан за да ги поедностави долгите погребни ритуали што се користеле за неговите претходници. Додаде дека поради неговата посветеност на Марија, Мајката Божја, решил да биде погребан во римската базилика на света Марија Велика (Santa Maria Maggiore – Санта Марија Маџоре), каде што традиционално оди да се моли пред и по секое патување во странство.

Света Марија Велика е најголемата маријанска црква во Рим и е една од четирите големи или ткн папски базилики. Се наоѓа на околу еден километар од Колосеумот.

Повеќе од еден век, папите го имаат последното почивалиште во криптата под базиликата на свети Петар. Последниот папа што е погребан надвор од Ватикан е Лав XIII чиешто последно почивалиште е во базиликата на свети Јован Латеран.

Од неговиот избор во 2013 година, папата Франциск ја избегнуваше темноцрвената моцета обрабена со крзно, а исто така не носи златен пекторален крст, наместо тоа околу вратот го задржа истиот избледен сребрен крст што го користеше како надбискуп на Буенос Аирес. Не ги носи ни кадифените црвени „рибарски чевли“ што ги користеа неговите претходници, туку едноставните црни чевли што секогаш ги носел и живее во Куќата на света Марта наместо во Апостолската палата.

Според интервјуто за мексиканската телевизија, Френсис се чини дека закрепнал од бронхитис, забележуваат италијанските медиуми. Често се смеел, додека разговарал за теми како што се неговото здравје, миграцијата, неговиот однос со починатиот папа Бенедикт Шеснаесетти и неговите планови.

Вели дека се надева дека следната година ќе оствари три патувања, во Полинезија, Белгија и неговата родна Аргентина, првпат откако стана папа.