Папата Франциск денеска ќе пристигне во Канада на, како што го нарече, „аџилак на покајанието“ за да се извини за злоупотребата на деца, кои биле принудени да влезат во училишта управувани претежно од католички свештеници.
Патувањето на Папата го организира Канадската конференција на католички бискупи, а тој ќе ги посети Едмонтон, Квебек и Икалуит, пренесува Ројтерс.
Инаку, меѓу 1881 и 1996 година, повеќе од 150.000 домородни деца беа одвоени од нивните семејства и донесени во училиштата со цел да се асимилираат домородните деца, пренесува медиумот. Многу деца беа изгладнети, тепани и сексуално злоупотребувани во систем кој канадската комисија за вистина и помирување го нарече „културен геноцид“, според Ројтерс.
Иако канадските лидери знаеја дека голем број деца умреле во овие училишта од 1907 година наваму, прашањето дојде до израз дури кога минатата година беа откриени необележани гробници во близина на верските училишта.
Папата Франциск се извини за улогата на Католичката црква во принудните училишта во Канада на почетокот на оваа година за време на посетата на домородните делегати на Ватикан, а сега доаѓа да се извини на цела канадска територија.
Преживеаните жртви и домородните водачи изјавија за британската агенција дека сакаат повеќе од извинување.
Многумина бараат финансиска компензација, враќање на артефактите кои припаѓаат на домородната култура, објавување училишни записи како и Папата да ја поддржи екстрадицијата на обвинетите злоставувачи и да издаде указ за ставање крај на доктрината од 15 век, според која, колонизаторите ј имаат право да земат што сакаат од домородното население, пренесува Ројтерс.