Кардиналот Пјетро Паролин е во Србија каде ги одредува условите за посета на папата Франциско на оваа земја и според неофицијални информации, тој барал дозвола за одржување на масовна миса на стадионот на Црвена ѕвезда.
Поглаварот на Римокатоличката црква е цврсто решен во 2019 година да ја посети Србија, откако претходно веќе беше во посета на Албанија и БиХ. Според Паролин, папата Франциско покажал голем интерес за Балканот, а особено за Србија и Црна Гора.
Од друга страна, голем дел од владиките на СПЦ се противат на неговата посета, но би го промениле мислењето ако тој јавно да се извини за злосторствата од логорот Јесеновац.
Според соопштенијата од кабинетите на претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ , на средбите од страна на државниот врв на Србија е изразена благодарност до Ватикан за принципиелниот став за непризнавањето на едностраната прогласена независност на Косово и согласност за продолжување на работата на Мешовитата комисија за хрватскиот надбискуп од Втората светска војна – Алојзе Степинац и за меѓуцрковниот дијалог кој имал позитивни ефекти за Православната и Католичката црква.
Според соопштенијата, кардиналот Паролин ја пренел поддршката на Ватикан за евроинтеграциите на Србија, бриселскиот договор и постигнувањето на компромисно решение за проблемот со Приштина. Тој исто така потенцирал дека заштитата на културното и на верското наследство на Косово е од исклучително значење за Ватикан.
Како што е најавено, утре кардиналот Паролин во Нови Сад ќе одржи миса и ќе го освети новото седиште на Меѓународната бискупска конференција- Св.Кирил и Методиј, која ја сочинуваат бискупи од Србија, Црна Гора и Македониja.