Ретко јавно извинување од католичката црква денес понуди папата Франциско заради серијата скандали што неодамна ги потресоа градот Рим и самиот Ватикан.
Ватикан се најде во центарот на неколку контроверзни ситуации, вклучувајќи го и истапувањето на еден геј свештеник и контроверзното писмо на еден кардинал, додека самиот папа се најде на насловните страници заради гафот што помогна во сменувањето на римскиот градоначалник.
– Сакам од името на Католичката црква да Ве замолам за извинување заради скандалот што неодамна ги погоди Рим и Ватикан, рече папата Франциско на почетокот на своето неделно обраќање до публиката на Плоштадот Свети Петар, пренесуваат француските медиуми.
„Неминовно е да има скандали, но тешко на оној човек со кој тие доаѓаат“, рече папата, повикувајќи се на цитат од Библијата.
Папата Франциско повеќе од три недели претседава со светскиот совет на кардинали и бискупи, каде црковното учење остана во сенка на приказната за макијавелистичките завери и предавства.
Протекувањето на приватното писмо на побунетиот кардинал ја заживеа атмосферата на „прекривки и бодежи“, што беше споредено со скандалот „Ватиликс“ од 2012 година, кога батлерот на папата Бенедикт 16-ти откри жестоки судири во највисоките кругови на црквата и наводи за сериозни измами во раководењето со градот.
Советот од самит почеток на заседанието е под сенка на изненадувачката изјава на полскиот свештеник (вработен како виш службеник во Ватикан) дека е хомосексуалец.
Криштоф Шарамса веднаш беше отпуштен од служба, но неговата изјава само долеа масло на огнот, што веќе постоеше меѓу конзервативното и либералното крило на црквата заради поделбите околу нивниот однос кон геј верниците.
Папата, исто така, токму овој месец беше вовлечен во мрачниот свет на италијанската политика, бидејќи остро негираше дека градоначалникот на Рим Игнацио Марино бил повикан на папскиот пат во САД. Многумина сметаат дека тоа придонело за неговата минатонеделна оставка на функцијата прв човек на Рим.