Папата ги критикуваше Харис и Трамп, ги повика американските католици да го изберат „помалото зло“

Поглаварот на Римокатоличката црвка, папата Франциск во петокот го критикуваше поранешниот американски претседател Доналд Трамп за неговиот план да депортира милиони имигранти и американската потпретседателка Камала Харис за поддршка на правата за абортус.

На прашањето од новинарите за американските претседателски избори на летот од Сингапур до Рим, папата Франциск рече дека неприфаќањето мигранти е „тежок“ грев а го спореди абортусот со „убиство“.

Рече дека американските католици ќе мора „да го изберат помалото зло“ на изборите во ноември.

Франсиск зборуваше со новинарите по исцрпувачката 12-дневна турнеја низ југоисточна Азија и Океанија. Иако Папата не ги спомна Трамп и Харис по име, тој посебно се осврна на нивната политика. И покрај тоа што ги критикуваше двајцата кандидати, тој рече дека католиците треба да гласаат на изборите.

„Треба да го изберете помалото зло. Кој е помалото зло? Таа дама или тој господин? Не знам. Секој со совест (мора) да размислува и да го направи тоа“, рече 87-годишниот папа Франциск.

Американските католици, од кои околу 52 милиони на национално ниво, често се сметаат за клучни неопределени гласачи. Во некои сојузни држави, вклучително и Пенсилванија и Висконсин кои може да имаат удел во одредувањето на победникот, повеќе од 20 отсто од возрасните се католици.

Франциск, поглавар на околу 1,4 милијарди католици ширум светот, обично е претпазлив во врска со националните политички избори. Но, тој често жестоко го критикува абортусот, кој е забранет според католичкото учење. Претходно ја критикуваше антиимигрантската реторика на Трамп. Во 2016 година, папата рече дека Трамп „не е христијанин“ според таквите свои ставови.

А во петокот рече дека политиките на двајцата кандидати се „против животот“.

„Без разлика дали е тој што протерува мигранти или тој што убива деца. И двајцата се против животот“, рече папата Фрациск.