Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, ги отвори во неделата двегодишните глобални консултации кои би можеле да го променат начинот на кој Католичката црква ги носи одлуките и чиешто влијание би можело да се чувствува долго по завршувањето на неговиот понтификат.
Поборниците на промените сметаат дека иницијативата наречена „За синодалната Црква: заедништво, учество и послание“ е можност за промена на динамиката на моќта на Црквата и дека ќе им се даде поголем глас на католиците лаици, вклучително и жените и луѓето на маргините на општеството.
Конзервативците, пак, сметаат дека процесот кој ќе се одвива во три фази е губење време, дека би можел да ја поткопа хиерархиската структура на Црквата која има 1,3 милијарди верници и долгорочно да ја разводни традиционална доктрина.
Папата на литургијата во базиликата на свети Петар рече дека католциите треба да бидат со отворен ум кон овој процес.
„Дали сме подготвени за авантурата на ова патување? Или се плашиме од непознатото и попрво би се сокриле зад вообичаените изговори: ‘Тоа е бесмислено’ или ‘Секогаш така правиме’?“, запраша папата.
Во првата фаза, католиците во црковните општини жупани и бискупиите (епархиите) ширум светот ќе дискутираат за прашањата како што се дали Црквата доволно ги слуша младите, жените, малцинствата и маргинализираните. Ќе се дискутира, исто така, како да се идентификуваат стереотипите и предрасудите во локалните заедници и каква Црква мислат дека Бог сака денес во светот.
По дискусиите на националните и континенталните нивоа, бискупите ќе се состанат во Ватикан цел месец во 2023 година. Ќе ги подготват документите, а папата ќе го напише апостолско послание со своите ставови, предлози и можеби упатства за разни прашања.
„Да не дозволиме нашите срца да бидат затворени, да не останеме исклучителни во нашите убедувања. Да се слушаме едни другите“, изјави папата Франциск на литургијата на која присуствуваа околу три илјади луѓе.
Истакна, сепак, само папите може да носат конечни одлуки за прашањата на доктрината.
Папата рече дека синодалноста, поим кој потекнува од старогрчкиот јазик и значи заедно чекорење по ист пат, не може да стане „Црквената конвенција, студиска група, политички конгрес или парламент, туку настан исполнет со милост, процес на зацелување воден од Светиот Дух“.